Бесими: Дали ќе има прогресивен данок или не – ќе се одлучи низ јавна дебата
8 август 2022, Скопје – Основата на Концептот за даночната реформа е проширување на даночната основа преку повеќе измени во даноците на добивка, личен доход и додадена вредност, како и зелено оданочување. Истите претходно ќе бидат дискутирани и дебатирани со сите општествени чинители. Дали ќе се воведува прогресивно оданочување или не ќе биде дел од јавната дебата. Исто така, ќе се работи интензивно и намалување на сивата економија и на подобрување на услугите во јавниот сектор. Ова беа накусо пораките кои ги упати министерот за финансии Фатмир Бесими на средбата со новинарите по повод почетокот на јавната дискусија за даночните реформи.
Концептот за даночна реформа се заснова на Стратегијата за даночна реформа, кој е долгорочен, планиран и добро анализиран процес, односно дел од големата фискална реформа за СМАРТ или паметни јавни финансии.
Со подобрувањето на наплатата на приходите ќе се обезбедат повеќе средства за развојни проекти на среден рок, додека на кус рок ќе има повеќе средства за антикризни мерки и заздравување на економијата.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Бесими посочи дека Владата на РС Македонија интензивно работи на новиот пакет антикризни мерки, што ќе биде претставен на јавноста.
Бесими посочи дека концептот на реформи на даночната политика во областа на данокот на добивка и данокот на личен доход се однесува на ревидирање на преференцијалните даночни третмани која ја нарушуваат неутралноста на даночниот систем преку фаворизирање на категории даночни обврзници или активности. Со тоа негативно влијаат врз неговата правичност и придонесуваат за зголемена нееднаквост во општеството.
Кај данокот на додадена вредност, потребно е натамошно зајакнување на основните принципи на неутралност и конкурентност, преку стеснување на листата на добра и услуги за кои се применува повластена стапка, како и оданочување на определен промет. Исто така, потребно е допрецизирање на правата и обврските на даночните обврзници за правото на одбивка на претходен данок, што ќе овозможи поголема правна сигурност за даночните обврзници, поголема ефикасност во спроведување на контролата и во прибирањето на даночните приходи од страна на даночната администрција, беше посочено.
Со даночните реформи, исто така, ќе се постигнат и некои системски цели, како спроведувањето на „зелената агенда“ и справувањето со климатските промени.