Зошто добрите работници си даваат отказ?
Во време како денешното, кога е вистински предизвик да се најде работа, кога слушате како некој си дал отказ, првото нешто кое махинално ви паѓа на памет е: Дали е нормален?
Но, кога добро ќе размислите, секогаш има силни причини кои стојат позади ваквата тешка одлука и се сосема оправдани.
Еве зошто добрите работници решаваат да си заминат од работното место:
Не им останува слободно време = немаат социјален живот
Во ред е да се останува прекувремено кога вистински има потреба за тоа. Не е во ред да се седи на работа, само затоа што шефот не си заминува бидејќи нема што да прави со себе, односно нема живот.
Телефонот ѕвони постојано, мејловите стигнуваат непрестајно. Не се почитува викенд, празник, ниту времето за одмор. Работникот има чувство дека живее за работата.
А вистината е оваа: Работиме за да живееме. Не живееме за да работиме.
Не добиваат никаква сатисфакција од работата
Ниту парична, ниту пофалба, никакво признание од каков било тип. Не секогаш може парично да се награди работникот. Но, постојат други начини за да тој се почувствува ценето и како незаменлив дел од тимот.
Секогаш се вработуваат/унапредуваат погрешните луѓе
Вие барате покачување после 5 години на истата работна позиција, ви велат дека не е возможно. Од друга страна, се вработуваат нови луѓе или се унапредува ваш колега кој не вложил ниту малку труд и посветеност кон работата како вие.
Време е да заземете цврст став и да поставите ултиматум за да го добиете она што сметате дека е заслужено. Во спротивно, отказот е единственото логично решение.
Работодавачот не ги исполнува ветувањата и не се грижи за вработните
Атмосферата е непријатна и напната. Условите се мизерни, како оние за работа, така и финансискиот надоместок. Платата неретко доцни, задолжително проверувате секој месец со страв дали сте здравствено осигурани. Не се чувствувате сигурни, заштитетни, ниту среќни.
Напротив, чувствувате стрес, постојан притисок, па дури и мобинг од страна на работодавачот.
Никој не ви ја поттикнува, ниту признава креативноста
Се работи механички и некако без душа. Секој ден е ист како и претходниот. Монотонијата на работното место може да биде токсична.
Се обидувате да внесете малку дух и иновативност во работата, а вашата креативност налетува на затворена врата или постмев.
Се пронајдовте ли во неколку?