Прецизни совети како да одговорите на проблематичните и неучтиви прашања на интервју за работа
Интервјуто за работа е доста стресно и без неучтиви прашања, но секогаш треба да бидете подготвени на сè.
Иако на интервјуто за работа очекувате да ви поставуваат прашања за вашето работно искуство и вашите професионални планови, доста често се поставуваат и премногу лични, дури неучтиви прашања. Понекогаш, пак, прашањата си се на место, но може да биде тешко да го најдете вистинскиот одговор.
Затоа, погледнете како да се справите со проблематичните и неучтивите прашања на интервју за работа:
„Дали планираш да имаш деца?“
За жал, многу жени, особено помладите, го слушаат ова прашање. Најчесто со ова прашање работодавачот сака да знае дали набрзо ќе ви треба породилно отсуство, но сепак е дискутабилно дали воопшто треба да се постави.
Ако ви го постават ова прашање, немојте да велите „Да“ или „Не“. Подобро само кажете дека во следните неколку години, кариерата ви е приоритет.
„Со кого живееш?“
Уште едно прашање што веројатно не би требало да се дискутира на работното место, но кое сепак се поставува на некои интервјуа за работа.
На некој начин, прашањето е поврзано со платата – кога работодавачот ќе знае со кого живеете и дали плаќате кирија или отплаќате станбен кредит, приближно ќе знае дали сте финансиски стабилни и колку зависите од платата и бонусите.
На ова прашање најдобро е да одговорите со „Имам финансиски потреби кои не ми дозволуваат да земам пониска плата од …“
„Кои се твоите недостатоци?“
Ова е прашање што би требало да ви го постават, а најважно е да одговорите искрено. Истовремено, спомнете и како сте ги искористиле недостатоците во ваша корист. На пример, ако пред една година не сте зборувале англиски, сега го зборувате течно бидејќи сте се запишале на курс. Односно, вие сте се фокусирале на недостатокот и сте го поправиле.
На работодавачот му е јасно дека не постои личност без недостатоци, но вашата искреност и вашиот разумен пристап ќе остават добар впечаток.
Лични прашања за религија, политика и слично
Можеби работодавачот има причина зошто ви поставува вакви прашања, но ако вашите религиски и политички погледи немаат врска со работното место, нема потреба да ги споделувате. Сепак, ова се теми што лесно создаваат конфликти.
Ако ви постават вакво прашање, смирено прашајте „Зошто е важно да знаете?“. Потоа, врз основа на одговорот што ќе ви го дадат, одредете дали треба да зборувате на таа тема.
„Зошто не си во брак?“
Иако работодавачот мисли дека има добра причина да ви го постави прашањето, ова е лична тема која нема потреба да ја дискутирате во канцеларија.
Слично како со прашањето за бременоста, и овојпат одговорете дека засега, приоритет ви е кариерата.
„Како би те опишале колегите?“
Сите би сакале да се пофалат во одговорот на ова прашање, но повторно обидете се да бидете што е можно поискрени. Се разбира, не треба да се критикувате, туку спомнете кои се особините што вашите колеги ги ценат најмногу. Ако, на пример, често им помагате за што било, кажете го тоа.
На овој начин ќе ја покажете вашата добра страна, без да звучи како да се фалите.
„Опиши се со еден збор“
Во овој случај можете да го искористи кој било збор, но добро би било да одберете збор што ќе одговара со работното место што го сакате. На пример, ако аплицирате за работно место кое бара да преземете иницијатива, кажете дека сте лидер.
Секогаш можете да користите и „понеутрални“ зборови, како реалист, екстроверт и слично.
„Ако престанеме да те плаќаме, ќе продолжиш ли да работиш за нас?“
Сите знаеме дека одговорот на ова прашање е „Не“, но многу луѓе настојуваат да го одговорат потврдно.
Прашањето е навистина непријатно и ве става во лоша положба, но најдобро е да го одговорите искрено. Кога ќе му кажете на работодавеачот дека нема да работите без плата, вие му покажувате дека сте свесни за вашата вредност и дека се цените.
„Дали имаш прашања за мене?“
Добро би било уште од дома да се подготвите за прашањето што ќе го поставите. Немојте да поставувате прашања за работи што лесно можете да ги најдете на веб-сајтот на компанијата или слично. Прашајте нешто што ќе покаже дека сте заинтересирани, како: „Зошто си замина личноста која беше на оваа работна позиција?“ или „Како изгледа еден работен ден во компанијата?“.
Извор: www.crnobelo.com