ТИРЗ: Отворени над 1.100 нови работни места од почетокот на годинава
Само за еден месец во компаниите во технолошко индустриските развојни зони во јули се отворени речиси 100 нови работни места, со што заклучно со јули, од почетокот на годинава во компаниите во ТИРЗ се реализирани над 1.100 нови вработувања, соопштија од ТИРЗ.
Со ова вкупниот број на вработени во јули порасна и достигна 15.085, што е за 6 отсто повеќе споредено со јули минатата година, односно за 14,5 отсто повеќе во однос на јули 2020 година. Според анализата, ваквиот тренд се очекува да продолжи, со оглед дека ова е резултат на инвестициите постигнати изминатата година со кои се предвидува отворање на над 2.700 работни места во следниве години.
Позитивниот тренд на раст од почетокот на годинава продолжува и во однос на извозот и увозот, посочуваат до ТИРЗ.
Така, во првите седум месеци од 2022 извозот од ТИРЗ достигна речиси 2 милијарди евра, што е највисок во последниве четири години. Извозот во периодот од јануари до јули е за 13 отсто повисок во однос на истиот период во 2021 односно 77 отсто повисок во однос на 2020 и 23 отсто и 47 отсто повисок споредено со 2019 односно 2018 година. Само во јули компаниите во ТИРЗ имаат извоз од 280 милиони евра што е за 25 отсто повеќе од јули минатата година.
Регистрирано е и највисоко ниво на увоз од 1,83 милијарди евра, во првите седум месеци од годинава споредено со истиот период во изминативе четири години. Ова е за 4 отсто повеќе во однос на увозот од јануари до јули во 2021, односно за 83 отсто споредено со 2020, и за 21 отсто и 64 отсто повеќе споредено со 2019, односно 2018 година. Месечниот увоз во ТИРЗ во јули достигна 230 милиони евра и е на речиси исто ниво со јули 2021 година. Заклучно со јули и нето извозот е 9 отсто.
И покрај глобалните политичко економски случувања се очекува ваквиот тренд да продолжи до крајот на годинава со што според проценките извозот може да го надмине минатогодишното рекордно ниво од 3 милијарди евра извоз годишно, се вели во соопштението од ТИРЗ.
Извор: https://www.bankometar.mk/