Ќе имам ли еден нормален работен ден?
Балзак рекол дека на овој свет само несреќата е целосна. Мора да го изјавил тоа додека одел на работа.
Станувам и нозете ми се враќаат назад. Едно, абре едно утро да си речев – Леле, баш ми се оди на работа! Не постои такво утро. Дури и кога знам дека ќе има плата, не сум си рекла – Едвај чекам да стигнам на работа!
Таму ме чека збирштина од нелуѓе. Тие нелуѓе немаат живот надвор од четирите канцелариски ѕидови. Дел од нив можеби имаат, но успешно го игнорираат, а дел навистина немаат ниту маче, ниту куче, ниту саксија дома.
Понекогаш имам чувство дека компјутерски да ги бирале, немало да соберат таква багра.
Големите умови разговараат за идеи, малите умови за тоа кој како е облечен и физичкиот изглед на луѓето. Претпоставувате со кои умови си имам работа, нели?
Дел од нив се специјално дизајнирани да ти го загорчат денот. Просто уживаат да напакостат некому, несвесно се валкаат во сопствената мизерија и ништожност. Им извира злоба и од очите, и од устата.
Тие не работат, тие менаџираат. Тоа е нивното мото. Обично земаат плата дупло поголема од твојата, се грижат нешто да не погрешиш, последни го препраќаат сработеното и се китат со туѓи перја.
Сомничави се и параноични, убедени дека целиот свет крои заговор против нив и сака да им ја загрози позицијата која ја имаат во компанијата. Вообичаено, ваквите стравови потекнуваат од луѓе кои самите имаат такви злобни мисли кон колегите.
Ја знаете приказната – оние кои се опседнати дека партнерот ги изневерува – самите изневеруваат!
Во ниту еден момент не смеете да заборавите кој е шефот. Имаат очајна желба да доминираат и едвај ја прикриваат таа мизерна особина, зачинета со потсетувањето дека „никој не е незаменлив“ едно 16 пати во текот на денот. Вие всушност сте како некој беден лик од книга на Достоевски. Вие сте понижени и навредени, а нивната возвишена цел, да го газат обичниот човек, е исполнета.
Доаѓа крајот на работното време, тие немаат абер да станат и да си одат. А зошто би имале, кој со душа ги чека да си дојдат дома? Никој.
Не го сфаќаат концептот викенд, слободен ден, болно дете, свадба. Понекогаш се прашувам како луѓе кои се изреализирале во улогата на родители, може да бидат толку свирепи, без трошка емпатија.
Гордо се удираат во гради како остануваат прекувремено и како успеваат да ја изменаџираат секоја криза (вообичаено онаа која сами си ја создаваат).
Тие си честитаат на уште еден успешен работен ден, вие си честитате на сопственото трпение и волјата да не се самоубиете. Или да не убиете некој друг.
Си одите дома, си го замислувате вкусниот ручек на масата кој сега веќе станал ладна вечера, кафе-муабетот со саканите, удобниот кревет…
Мислите ви се прекинуваат од одвратниот звук на телефонот… „Запиши, утре состанок во 9! И не заборавај да ме потсетиш! Ќе ти се јавам покасно да ти објаснам!“…
Се прашуваш – ќе имам ли еден нормален работен ден?
Извор: www.crnobelo.com