Не ја добивте работата: Како да се справите со одбивањето?

Неуспехот и неговата најчеста форма – одбивањето се дел од животот и тоа е нешто што треба да го прифатиме како такво.

Иако не е лесно да се справиме со неуспех или со одбивање на професионално поле, сепак мора да се најде начин да се преброди. Тоа е од голема важност, пред сѐ поради нашето здравје и благосостојба, а потоа и за справување со животот.

Справете се со одбивањето преку овие 4 чекори:

1. Направете пауза

Сите знаеме дека одбивањето боли, но тоа не значи дека ненадејно треба да носите одлуки. Затоа, пред  да напишете лут мејл на работодавачот кој ве одбил, важно е да си дадете време да се справите со мислите и со себеси. Дишете длабоко – тоа ќе ве спречи да кликнете „испрати“, ви дава време да ја анализирате ситуацијата и да одлучите кој е следниот чекор што ќе го преземете.

Можеби пишувањето на тој мејл во моментот изгледа како добра идеја, но ви гарантираме дека тоа е најголемата грешка што може да ја направите. Од друга страна пак, ако дишете длабоко и си дадете време да се справите со ново настанатата ситуација, тогаш ќе постапите правилно. Или, барем ќе ви е драго што не сте се посрамотиле.


2. Оладете си ја главата

Кога станува збор за одбивање, може да останете професионални и да ги чувате сите емоции и фрустрации во себе, но тоа не е здраво. Затоа, замолете ги пријателите, вашата мајка или партнерот да ве ислушаат и искажете ги сите фрустрации. Верувајте дека после тоа ќе се чувствувате многу подобро. Секако дека не треба цело време да зборувате за тоа како ве одбиле, но добро е малку да си ја оладите главата – барем колку да ја олесните тензијата.


3. Побарајте фидбек

Единственото нешто потешко од одбивање е барањето фидбек. Сигурно би сакале да знаете каде згрешивте и зошто не ја добивте посакуваната работа, но вашето его не ви дозволува. Без разлика колку е тешко да ја голтнете гордоста, навистина е важно да знаете каде сте погрешиле.

Ако посегнете по совети и внатрешни информации тоа значи дека вие достоинствено прифаќате одбивање и сте професионален кандидат кој е во постојана потрага по лично надградување и созревање – а притоа без конструктивниот критицизам да го земате при срце.


4. Продолжете понатака

Еден од најдобрите совети кои може да ги добиете кога ќе бидете одбиени е да не го сфаќате премногу лично. Но, кога подобро ќе размислиме одбивањето Е лично – затоа што вие сте тие кои се одбиени. Секако дека е природно ова да го сфатите, но важното е да го прифатите и да продолжите понатаму.

Држењето лутина и огорченоста нема да ве однесат далеку – тие само ќе ви предизвикаат дополнителни фрустрации. Затоа, не си ја трошете енергијата опседнувајќи се со нешто што не можете да го промените.

Наместо тоа, искористете го фидбекот и пробајте да се подобрите за идните можности. Ќе ја видите вистинската вредност во некои совети и предлози, а некогаш нема да се сложите со нив. Но, сепак внимателно слушајте сѐ што имаат другите да ви кажат.

Заблагодарете се на советот или фидбекот. Можеби ви изгледа чудно да се заблагодарите на некој кој ве одбил, но таа личност одвоила време за да ви го посвети вам – а тоа е нешто што треба да го цените.