Герасимовски: Цела вечер службите се на терен, со чистењето продолжуваме и денес
Службите на Општина Центар изминатото деноноќие се на терен, ги расчистуваат паднатите дрвја и гранки и на одредени локации ги санираат штетите настанати од вчерашното невреме кое го зафати Скопје.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, веднаш по невремето излезе на терен и заедно со службите, вршеше увид и помагаше при расчистувањето.
„Утринава имавме состанок на општинскиот Штаб за заштита и спасување. Во контакт и координација сме и со останатите надлежни институции и ги преземаме сите мерки за расчистување на паднатите дрвја, гранки и покриви. Во текот на денот ќе се врши и проценка на штетите од поплавите кои зафатија дел од општинските градинки и училишта и работиме на нормализирање на состојбата“, изјави градоначалникот Герасимовски, по завршувањето на состанокот на штабот.
До општината вчера пристигнаа многу пријави за оштетени возила, живеалишта, деловни простори, проблеми со шахтите и сливниците и сите тие се проследени до надлежните сектори или институции за натамошно постапување.
„Упатувам апел до граѓаните да бидат претпазливи и да внимаваат во периоди на поројни дождови. Избегнувајте движење надвор додека трае невремето, затворете ги прозорците и доколку во вашиот објект протекува, соодветно обезбедете го“, додаде Герасимовски.
УХМР и за денеска издаде предупредување за попладневните часови. Во Скопје денеска ќе преовладува променливо облачно, попладне нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме, гласи предупредувањето од УХМР.
Утринава имавме состанок на општинскиот Штаб за заштита и спасување. Во контакт и координација сме и со останатите надлежни институции и ги преземаме сите мерки за расчистување на паднатите дрвја, гранки и покриви. Во текот на денот ќе се врши и проценка на штетите од поплавите кои зафатија дел од општинските градинки и училишта и работиме на нормализирање на состојбата.
Пристигнати се многу пријави за штети и поплавени простории, онаму каде што имаме надлежност постапуваме веднаш, а останатите ги проследуваме до надлежните институции.
УХМР и за денеска издаде предупредување за попладневните часови, затоа апелирам до граѓаните за внимателност и претпазливост додека трае невремето.